Опера

Опера е музичко сценско дело, музичка драма, каде глумци го прикажуваат дејствието на драмската приказна пеејќи го текстот, пратени од оркестар. Се смета за еден од најкомплексните облици на уметност. Претставува извонредна фузија на пеење, глума, оркестрална музика, костими, сценарио (либрето), ликовен сценски израз, а често и балет како форма на танцување.

Зборот опера е скратен облик од италијанскиот израз opera in musica, што во буквален превод би значело „музичко дело“. Целта на ваквото именување, била желбата да се опише операта како збир од музички дела сплотени во единствена музичка форма. Со терминологијата се поврзува и латинскиот збор opus, со значење „драма што се пее“.

Операта „Дафне“ (Daphne) на италијанскиот композитор Јакопо Пери од 1597 година, се смета за прво оперско остварување. Текстот за операта е дело на Отавио Ринучини, а истата била напишана за елитниот круг фирентински хуманистички уметници кои се собирале во просториите на „Camerata“. Намерата била со операта Дафне да се оживее класичната грчка трагедија, како дел од целокупното будење на античките вредности во периодот на ренесансата. Следната Периева опера „Еуридика“ (Euridice) од 1600 година, е најстарата сочувана оперска партитура.

Изговорниот, декламиран дијалог и музиката на оркестарот во позадина, нешто што во операта се нарекува рецитатив, е темелна особина на мелодрамата, во нејзината изворна смисла. Најпознатиот пример за таква музика е Менделсовата музика за „Сон на летната ноќ“. Невидливиот оркестар кој во мелодрамата на XIX-тиот век го нагласуваше драмскиот елемент, денес може да се препознае и во филмската музика. Филмските спектакли со сериозна музика дирекно ја наследуваат традицијата на мелодрамата, а нивните специјални ефекти може дури да се толкуваат како наследници и конкурентни облици на големите опери. Меѓу раните елементи од XVI век, кои сеуште не беа сложени во препознатливата оперска форма, треба да се спомене и дворската парада, едноставно наречена маска. Нови елемети на маската може да се забележат во Шекспировата драма „Олуја“, од 1611 година. Дополнително, музичко-драмски елементи може да се видат и во мадригалите од XVI век, кои верижно се надоврзуваа, за да би се постигнала една драмска целина. Ако се осврнеме на уште подамнешните периоди, неминовна е забелешката дека музиката се користела уште во средновековните мистерии. Сочувано е едно музичко дело постаро од „Дафне“, „Филотеја“, дело компонирано според еден религиозен верски текст од свештеник по име Силберман. Освен тоа, музиката за „Хилдегард од Бинген“ се изведувала на сцена во драмски облик.

Пеењето ја претставува срцевината на операта. Во големата опера (grand opera), форма на опера која најчесто се изведува во денешно време, се пее целиот текст. Ваквите опери, покрај соло пеењето, опфаќаат и хорски делници и играчки нумери (воглавно балетски), а често се и брилијантни примери на ликовната уметност, во поглед на сценографијата и костимите. Спротивно на ова, во комичните опери (opera buffa), најчесто нема големи, грандиозни сцени, а и хорот не е толку застапен. Во ваквите дела, дејствието помеѓу ариите е прикажано со рецитативи, полу-говорни, полу-испеани пасажи, пропратени најчесто само акордски од редуциран оркестар или клавијатурен инструмент (пиано или чембало). Самиот термин комична опера не имплицира на забавна содржина. Називот претежно се однесува на опери со ведри теми, а бил воведен со цел да се направи разлика од т.н. сериозни опери (opera seria). Ваквото разграничување се појавило во XVIII век, кога се сметало дека комичните опери треба да се бават со обичните луѓе и места и да имаат среќен крај, додека сериозните опери разработувале митолошки и историски теми кои завршувале трагично. Нешто подоцна, терминот комична опера станал основа на верските опери, но и тие најчесто завршувале трагично. „Травијата“ на Џузепе Верди, „Кавалерија Рустикана“ (Селско витештво) на Пјетро Маскањи, „Боеми“ и „Мадам Батерфлај“ на Џакомо Пучини се можеби најистакнатите примери. Повеселите теми од XIX век биле основа за појавата на оперетите, кои пак нешто подоцна, во XX век, се развиле во водвиљи (кратка и лесна театарска игра, со сатирична содржина и без голем заплет) и мјузикли. Мјизиклите најпрво се појавуваат во Соединетите Американски Држави.

Пеачките улоги во оперите се разликуваат по распонот и бојата на гласот. Машките гласови, подредени од највисокиот до најнискиот, може да бидат: контратенор, тенор, баритон, бас-баритон  и бас. Женските пак се класифицирани на: сопран, мецосопран и алт, кој некогаш се нарекувал и контралт. Секој од овие гласови може да има и своја подподелба. Така на пример, кај сопораните се разликуваат: лирски сопран, драмски сопран, колоративен сопран, спинто сопран и како посебна врста, вагнеријански сопран.

За создавањето на едно сложено, вокално-инструметално драмско дело како што е операта, од огромна важност е работата на многу луѓе. Подеднакво важни за создавањето на оперското дело се и композиторот и либертистот (текстописецот). Покрај софистицираната и тешка задача на солистите, неодминливо е и значењето на хорот, најчесто поврзан со масовните сцени во кои е претставен народот. Балетските делови може да ги изведуваат самите пеачи, или професионални балерини и балетани, а сé со цел да се зголеми воодушевувањето кај публиката. Од овој аспект, особено значајна е и работата на костимографот, чии креации секогаш треба да бидат прилагодени на местото и времето на настанот, како и сценографот, задолжен за целиот визуелен дел на операта. Корепетиторот е пијанист кој вежба со пеачите и членовите на оркестарот, свирејќи им ја главната мелодија. Улогата на режисерот е да го осмисли и организира целиот тек на операта. Симфонискиот оркестар го придружува пеачкото исполнување и го потенцира оперското дело. Во почетокот на дејствието, оркестарот самостојно ја свири увертирата, која пак претставува вовед во кој се вметнати елементи од сите позначајни мелодии, од целото оперско дело. Оркестарот за време на изведбата обично е сместен на ниво пониско од самата сцена, а целата опера ја води диригентот. Тој се наоѓа на средно ниво на сцената, како би можел да го диригира и оркестарот и сценските актери.

Текст: Милена Крстева

micha